| Европската комисија ја поддржува дигитализацијата на културата |
|
|
|
| 17.11.2011 |
|
Европската комисија, со препораката дадена на 28 октомври, 2011 бара од земјите-членки да ги интензивираат заложбите и да го вклучат и приватниот сектор во дигитализацијата на материјали од културата со цел да се подобри зголеми нивната пристапност и количина во европската дигитална библиотека Еуропеана. Препораката, со која се надградува верзијата од 2006-та год, ги зема предвид извештаите за напредок на земјите-членки од 2008 и 2010 година и одредува прецизна цел - воспоставување минимален придонес со содржини за секоја држава, за да се достигне целта од 30 милиони дела во Еуропеана до 2015 година, во споредба со 19-те милиони достапни денес. Меѓу вклучените дела, препораката ги зема предвид и европските ремек-дела кои повеќе не се заштитени со авторски права, како и сите материјали дигитализирани со државни пари. Усвојувањето мерки за поддршка на културните и креативни индустрии и обезбедувањето одржлив модел за финансирање на Еуропеана се меѓу целите на Дигиталната агенда за Европа. Со препораката се повикуваат земјите-членки да постават цврсти планови за инвестиции и да создадат партнерства со приватни субјекти за поделба на трошоците за дигитализација и се обезбедуваат клучните принципи за фер и урамнотежени партнерства. Исто така се препорачува поставување на повеќе некомерцијален материјал на интернет, со „креирање услови на законската рамка кои овозможуваат дигитализација од големи размери и прекугранична пристапност на некомерцијалните дела“. Државите треба да ги зајакнат своите стратегии и да го прилагодат законодавството со цел да се обезбеди долгорочно зачувување на дигиталниот материјал. Еден метод би бил да се елиминираат техничките мерки за заштита кои ги попречуваат библиотекарите во зачувувањето на делата. Партнери од приватниот сектор се потребни бидејќи според процената на Комисијата, трошокот за дигитализација на збирките од европските музеи, архиви и библиотеки изнесува околу 100 милијарди евра. Веќе се извршени приватни инвестиции за дигитализација. Во 2010 година, Google Inc соработуваше со Универзитетот Гент во Белгија при скенирањето на книги незаштитени со авторски права, што резултираше со 100.000 тома на располагање во моментов во Еуропеана. Проектот беше дел од Google Books, преку кој, повеќе од еден милион книги од јавниот домен се поставија на интернет. Британскиот филмски институт (BFI) исто така повикува на донации за да се соберат 2 милиони фунти со цел да се обноват и зачуваат девет од првите неми филмови од режисерот Алфред Хичкок. Комисијата исто така е во процес на преправање на правилата за авторски права, вклучувајќи ги и „делата-сирачиња“ (случаи кога креаторот на делото или сопственикот на правата не може да се најдат). Извор: ЕДРИ-грам "The European Commission encourages the digitisation of culture“ бр. 9.21, ноември, 2011. |